top of page

ПОРОДУВАЊЕ: како се одвива. Природно или царски рез?

М-Р Д-Р АЛЕКСАНДАР БОЈАЏИЕВ





Сите информации за процесот на природното породување и породувањето со царски рез на едно место.

ПРИРОДНО

СПОНТАНО

ПОРОДУВАЊЕ


  • Како се одвива природното породување.

Постојат 4 родилни времиња:


ПРВО РОДИЛНО ВРЕМЕ


Претставува скратување на должината и отворање на грлото на матката. Почнува со првите болки или со прскање на воденикот. На почетокот болките се со слаб интензитет и поретки, за пред крај на првото родилно време да бидат чести, односно 3 болки во 10 минути. Овој период трае 8-10 часа кај прворотки и во тој период грлото на матката ќе се отвори комплетно(односно 10 сантиметри). Кај повеќеротките трае 5 до 7 часа.


Воколку прсне воденикот а вие немате контракции, не се вознемирувајте. Може да се чека во наредните 12 до 24 часа, под услов да нема знаци за инфекција, а во тој период кај преку 90% од трудниците ќе се јават родилни контракции и ќе се породат.


Првиот родилен период е и најтежок за родилките бидејќи долго трае, а болките се се почести и посилни.


Епидуралната аналгезија е единствен начин за пациентката целосно да се справи со болките.


За време на породувањето е важно пратењето на состојбата на мајката и на плодот. Редовно се мери крвниот притисок и се даваат течности. Бешиката за време на породувањето треба да е празна, бидејќи воколку е полна го успорува породувањето. Состојбата на плодот се прати преку кардиотокографија, која ги регистрира отчукувањата на срцето на плодот и контракциите на матката на мајката.


ВТОРО РОДИЛНО ВРЕМЕ


Тоа е времето на експулзија и породување на плодот. Почнува кога грлото на матката е комплетно отворено.


Контракциите се изразено чести и јаки. Кај прворотките трае 1 до 2 часа, а кај повеќеротки 30 минути, па дури и пократко. Во овој период доаѓа до спуштање на водечкиот дел на плодот (најчесто главата) и со ротирање проаѓа низ родилниот канал. Пред породувањето родилката добива неиздржлив нагон за напнување, сличен на напонот за голема нужда. Тоа значи дека главата се наоѓа на дното на карлицата и дека наскоро ќе настапи породување. Родилката е поставена во соодветна позиција(со долната вилица од усната на градите, со двете раце ги влече натколениците кон себе). Во таа позиција кога интензитетот на контракцијата е најјак потребно е родилката најмногу што може да вдише воздух и со сета сила да напне, на начин сличен кога има запек и сака да оди по нужда.


По породувањето на детето завршува второто родилно време.


Акушерката ја клемува папочната врвка и ја пресекува, по што за прв пат го гледате вашето бебе.

Бебето понекогаш е прекриено со белузлава сираста материја, а некогаш со крв, што не треба да ве изненади или исплаши.


Ако бебето не заплаче веднаш по породувањето не очајувајте. Него му се потребни неколку минути за прилагодување на новите услови на живот. Вие и вашето бебе ќе добиете алка со матичен број кој е ист и за вас и за вашето бебе. Погледнете ги бројот на алките вашата и на бебето и полот на бебето.


Начини како да се олесни породувањето?


Раѓањето е природен чин стар колку и човештвото. Пријатен амбиент, смирувачка атмосфера, грижлив персонал, присуство на сопругот, ја мотивираат трудницата да ги издржи сите напори. Бидејќи породувањето е природен чин, при самото водење на породувањето медицинскиот тим ке настојува експектативно, со следење трпение и минимално учество во тој процес да постигне породувањето да биде најубав и незаборавен момент во животот на жената и фамилијата.

За најлесно породување потребно е да се избере и најудобната и најделотворната позиција на родилката зависно од позицијата на бебето и секако по препорака на гинекологот.


Позиција на грб - Мајката често во оваа позиција не се осеќа удобно. Оваа позиција може да ја попречи јачината и честотата на трудовите. Гравитацијата работи против родилката. Можно е да настана и синдром на вена кава, каде поради тежината на матката, таа притиска на големите венски садови и го попречува протокот на крвта.

Положба на бочно лежење - Родилката лежи бочно на лева страна. Таа положба е поприродна и поудобна за родилката.

Полуклекната и клекната положба - Оваа положба се цени поради учинокот на гравитацијата и тежината на плодот. Обезбедува пократко второ родилно време и полесно породување. Површината на карличниот излез е 28% поголема оваа положба отколку при лежечката положба. Често се користи кога главата на плодот многу бавно се спушта низ родилниот канал.


ТРЕТО РОДИЛНО ВРЕМЕ


Почнува од породување на бебето и завршува со експулзија на плацентата. Обично трае 30 минути. Од кога ќе се породи плацентата гинекологот внимателно ќе ја прегледа дали е цела со цел да се избегне заостанување на плацентарно ткиво во матката.


ЧЕТВРТО РОДИЛНО ВРЕМЕ


Четвртото родилно време е време на опоравок на родилката и трае 2 часа. Во тој период ќе бидете задржани во родилниот бокс и следени. Најопасните компликации како крварење најчесто се случуваат во овој период. Затоа не случајно во овој период останувате во родилниот бокс под стручен медицински надзор заради превентивни причини. По овој период воколку се е во ред, Вие сте заедно со вашето бебе и сопруг на одделот за трдници.


ПРЕДНОСТИ НА ВАГИНАЛНОТО ПОРОДУВАЊЕ ЗА МАЈКАТА

  • Помал ризик за крварење, инфекции, помал ризик за хронична болка и 4 пати помал ризик за тромбоза во споредба со царски рез!

  • Веднаш по породувањето сте мобилни и може да јадете и да го доите вашето бебе.


ПРЕДНОСТИ НА ВАГИНАЛНОТО ПОРОДУВАЊЕ ЗА БЕБЕТО

  • Помал ризик за незрелост и проблеми со дишење кај бебето. При вагиналното породување кај бебето се истиснува слузта од дишните патишта. Истовремено бебето претрпува стрес, што брзо ја созрева плуќата на бебето и природно родените бебиња се позрели!

  • Бебињата родени по вагинален пат, доаѓаат во контакт со добрите бактерии кои нормално се наоѓаат во вагината. Тие го зајакнуваат имунитетот на бебето и го населуваат неговиот гастроинтестинален тракт.


ПОРОДУВАЊЕ СО

ЦАРСКИ РЕЗ


Царскиот рез е хируршка постапка која се користи за породување со рез низ стомакот. Понекогаш тој е планиран односно елективен, но најчесто потребата за царски рез не е очигледна додека не започнат контракциите и раѓањето.


Најчести причини за породување со царски рез:

  • Породувањето (отварањето на грлото на матката) не напредува и покрај доволно јаките контракции,

  • Отчукувањата на срцето на бебето сугерираат дека се работи за смалено снабдување со кислород на бебето (Fetal Dystress),

  • Бебето е во неправилна положба,

  • Носите близнаци или тројки,

  • Проблеми со плацентата (плацентата го препокрива грлото на маткатa, или одлепување на плацентата),

  • Вашето бебе е премногу големо за сигурно и без компликации да помине низ вашата карлица,

  • Ако вие имате здравствени проблеми поради кои е неопходно бременоста да се заврши со царски рез (поради висок крвен притисок, невролошки индикации, голем диоптер итн.)


Што да очекувате? Просечно царскиот рез трае 45 минути до 1 час. Се изведува со хоризонтален рез над срамната коска (бикини рез). По отворање на кожата се отвараат останатите слоеви, масното ткиво, прекривката на мускулите, мускулите, обвивката на стомакот, а потоа а потоа се прави хоризонтален рез на матката, низ кој се раѓа вашето бебе, а потоа се отстранува и плацентата.


Што потоа? Во првите 24 часа треба да почнете да се движите, за тоа ќе ви помогне персоналот. Движењето ќе го забрза опоравувањето, а исто е вид на превенција за стварање на потенцијално опасни крвни угрушоци/тромбоза. При станување и легнување во креветот нормално е да имате болки. Не се грижете раната нема да се отвори ни при кашлање ни при движење иако многу трудници стравуваат од тоа. Држете го стомакот за време на нагли движења кашлање или смеење. Пијте многу течности, тоа ќе помогне да се надоместат течностите изгубени за време на породувањето и ќе го намали ризикот од инфекции на уринарните патишта. Избегнувајте секс 6 недели од породувањето.

Опоравувањето од царски рез трае подолго отколку опоравувањето од вагиналното породување. И како и сите други операции царскиот рез носи зголемен ризик од компликации.


ПРЕДНОСТИ НА ПОРОДУВАЊЕ СО ЦАРСКИ РЕЗ

  • Нема многу предности да се породите со царски рез освен ако тоа не е медицински неопходно!

  • Многу ретко при природното породување на големи бебиња може да се растегнат лигаментите кои ја држат матката и бешиката и доцна во животот тие жени можат да имаат спуштање (пролапс) на матката и бешиката и проблеми со мокрењето.

Важна е правилна проценка на кои трудници навистина им е потребен царски рез!



ВИДОВИ АНЕСТЕЗИЈА/ОБЕЗБОЛУВАЊЕ


· Спинален блок – претставува вид на регионална анестезија, која многу брзо делува и има дејство од 2 часа. Таа најчесто се користи кога е потребен царски рез. За време на царскиот рез Вие сте будна, можете да го видите вашето бебе, да разговарате со вашиот доктор, а медикаментот воопшто не делува на вашиот плод. Ретко, но спиналниот блок, исто така се користи и за нормално/вагинално породување, кога сме убедени дека породувањето ќе заврши во наредните 2 часа - најчесто кај жени кои веќе родиле. Спиналниот блок дејствува веднаш и обезбедува целосно обезболување во долниот дел од телото. Како несакан ефект многу ретко, може да имате тешки главоболки кога телото ви е во исправена позиција, во наредните неколку дена по породувањето, поради истекување на спиналната течност, за што постои успешен третман.


· Епидурален блок - претставува вид на регионална анестезија. Тоа е најчесто користен тип на анестезија за жени кои се породуваат. Многу мал катетер/цевче се поставува во епидуралниот простор во кичмата на пациентката. Преку тој катетер континуирано се даваат анестетици додека е потребно. Дејството може да трае колку што е потребно, односно додека се породите. Обезболувањето најчесто се врши кога веќе имате контракции и кога грлото на матката е отворено 4 сантиметри. Воколку е потребно дозата може да се зголеми или намали. Доколку поради некоја причина породувањето не напредува или е потребно да се направи царски рез, најчесто не е потребен друг вид на обезболување туку само во епидуралниот катетер се додава појак анестетик. Епидуралниот блок ослободува од голем дел од болката во долниот дел на телото, но го успорува породувањето. Недостаток е и што не можете да шетате, но сепак можете да стоите до креветот, во присуство на акушерката. Исто и како кај спиналниот блок, многу ретко, може да имате тешки главоболки кога телото ви е во исправена позиција, во наредните неколку дена по породувањето, за што постои успешен третман.


· Општа анестезија Пациентката целосно спие, дишењето се обавува преку цефка и машина за дишење, бидејќи медикаментите кои пациентката ги прима оневозможуваат таа да дише самостојно. Овој тип на анестезија се користи само за итен царски рез (како при лоши тонови на плодот, крварење на матката и слично), кога нема време да се администрира спинална анестезија. Негативен ефект е што општата анестезија влијае и на плодот, односно го седира, па бебето може да е депримирано при породувањето.



237 views0 comments

Comments


bottom of page