top of page

БРЕМЕНОСТ по недели. Прегледи во бременоста.

М-Р Д-Р АЛЕКСАНДАР БОЈАЏИЕВ

Вие и вашето бебе во секој месец од бременоста.


40 НЕДЕЛИ ОД БРЕМЕНОСТА

БРЗИ ЛИНКОВИ






ПРВ ТРИМЕСТАР ОД БРЕМЕНОСТА

(1-13 недела)


Недела 1-2 припрема

Можеби звучи чудно, но всушност вие не сте трудни во првите 2 недели од времето кое е вкалкулирано во вашата бременост. Да добро прочитавте! Токму поради тоа честопати трудниците погрешно ја калкулираат неделата во која се наоѓаат, сметајќи од времето кога требало да добијат менструација, а не добиле, или од времето кога тие мислат дека се случил односот кој довел до бременоста.


🟢 Недела 2-4 фертилизација и имплантација

Вашата јајце клетка и сперматозоидот од вашиот партнер се соединуваат во еден од двата јајцеводи на матката и формираат една клетка – почетна точка, од која следуваат голем број неверојатни настани. Овој процес е наречен фертилизација. Таа почетна клетка има 46 хромозоми, 23 од вас и 23 и од вашиот партнер. Таа единствена, микроскопски видлива клетка се дели повторно и повторно и во 40 недела од бременоста тоа е веќе нова личност створена од повеќе од 2 трилиони клетки – вашето убаво женско или машко бебе.


  • Видео: развој на ембрионот до 9 та гестациска недела.

🥝 По фертилизацијата клетката патува надолу по јајцеводот кон матката. Во исто време таа рапидно се дели. Внатрешната група клетки ќе формира ембрион, а од надворешната ќе се формираат мембраните кои служат за негова исхрана и заштита. Четири до пет дена од фертилизацијата е моментот кога оваа топка од клетки ќе дојде до матката, сега веќе се нарекува бластоциста. Надворешната група на клетки на бластоцистата, ќе се прикрепи за внатрешниот зид на матката, процес кој се вика имплантација. При тој чин на вгнездување на бластоцистата во зидот на матката кај некои жени можно е да настапи многу оскудно крварење, кое се нарекува како имплантационо крварење. Истото не е причина за загрижување, а некои жени често погрешно го толкуваат како менструација.Се појавуваат раните симптоми на бременоста (умор,осетливи гради, мачнини, зголемен осет за мирис, зголемена температура) и лабораторискиот тест за бременост е позитивен.


🐣 Недела 5 - Ембрионалниот период започнува

Во 5️⃣ тата недела, започнува периодот во кој мозокот, рбетниот столб, срцето и останатите органи на ембрионот започнуваат да се формираат.


♥️ Првите отчукувања на срцето на ембрионот се случуваат во оваа недела. Вашиот гинеколог ке ви ги покаже да ги видите пулсациите и чуете отчукувањата на срцето на вашиот ембрион.


💊 Фолната киселина се препорачува да ја земате уште од самиот почеток, а подобро и пред зачнувањето. Таа претставува витамин Б9, кој воколку се употребува во бременоста, помага кичмениот канал на вашето бебе правилно да се развие и затвори, a со тоа се спречуваат 50-70% од аномалиите на невралната туба. Најдобро е да ја земате во активна форма – метил фолат.


🍲 Од овој период можат да се појават вообичаените симптоми: гадење, надуен стомак, повраќање, утринска мачнина. За да ги ублажите овие симптоми имајте 5 и повеќе количински мали оброци, лесна но квалитетна храна. Пијте многу течности. Избегнувајте благо, тестенини и газирано. Нив заменете ги со супи, риба, добро сварено месо, добро измиен зеленчук, ѓумбир, чаеви и вода.


🐥Недела 10 Ембрионот станува официјално фетус.


Завршува периодот кога плодот е најосетлив на надворешните влијанија од лекови и штетни материи, а во исто време постепено исчезнуваат и вашите тегоби како мачнините и гадењето. Опасноста од спонтан абортус е помала и со секој нареден ден е се помала.

Бебето голта течност и се движи. Виталните органи: бубрезите, цревата, мозокот и црниот дроб почнуваат да функционираат, иако својот развој ќе го продолжат со тек на бременоста. Очните капаци се формирани и очите изгледаат затворено, такви ке останат до 26 тата недела од бременоста. Во оваа недела фетусот има 3,5см и е тежок 4 грама.


  • Видео: развој на фетусот од 10-та до 14-та гестациска недела.

🐤Недела 11 Брз раст на фетусот.

Од оваа недела до 20 тата недела (средината на бременоста), вашето бебе ќе ја зголеми тежината 30 пати, а должината 3 пати. Моментална должина околу 5см, тежина околу 8 грама.


👋Недела 12 Крај на првиот триместар.

Кај вашето бебе се развиваат нокти. Лицето на вашето бебе веќе добива човечки профил. Плацентата почнува да ја обавува својата функција и преку папчаникот носи до плодот хранливи материи потребни за раст и развој. Рефлексните движења се развиваат. Ако го притиснете вашиот стомак, вашето дете ке се раздвижи. Должина 6см, тежина 14 грама. Крајот на оваа недела го означува крајот на првиот триместар.


!️ Внимание - Во периодот од 11 до 14 недела е особено важно вашето бебе да биде детелно прегледано на ултразвук. Тој преглед е со цел за навремено откривање на бебиња кои имаат зголемен ризик за хромозомски болести. При тој преглед освен што се следи основната анатомија на бебето и мерките на бебето, се детектира и нухалната транслуценца – мала количина на течност под кожата зад вратот на бебето. Докажано е дека зголемена нухална транслуценца (над 2,5мм) е поврзана со зголемен ризик за хромозомски нарушувања кај фетусот како Дауновиот синдром. Наведената промена најчесто природно исчезнува по 14та недела и воколку овој преглед се пропушти, се пропушта можноста за откривање на фетуси кои се со зголемен ризик за аномалии.


ВТОР ТРИМЕСТАР ОД БРЕМЕНОСТА

(13-26 недела)


Вие и вашето бебе во вториот триместар!


Пред 2 месеци вашето бебе претставуваше само група од клетки, а сега веќе има функционални органи, нерви и мускули. Kалендарот на настани кај вашето бебе и кај вас во се одвивва вака:


🐥13 недела - Бебето почнува да формира урина и истата ја ослободува во амнионската течност.


🐥14 недела - Полот на бебето станува видлив од оваа недела.Вратот е добро развиен и главата веќе не лежи на градите на бебето. Должина 8см, тежина 43 грама.


🐥16 недела - Бебето почнува да прави гримаси на лицето и движења на цицање со устата.

🟠 Масното ткиво почнува да се развива под кожата на бебето. Тоа ќе обезбедува енергија и ќе помага бебето да одржува топлина по породувањето. Сега вашето бебе има 100 грама, а вие имате зголемено просечно 3,2кг од почетокот на бременоста.


😎 Промени на вашата кожаКако што циркулацијата на крв во вашата кожа се зголемува, одредени делови од вашата кожа можат да станат по темни, како што е кожата околу брадавиците, делови од лицето, како и линијата на стомакот од папокот до карличната коска. Изложување на сонце ги потенцира овие појави. По бременоста ќе исчезнат.


🎵18 недела - Бебето почнува да слуша звуци. Тоа ќе се навикне на звукот на отчукувањата на мајчиното срце и работата на цревата, па после породувањето ќе приметите како новороденето ќе се смири кога ќе го ставите крај вашето срце.


🛡19 недела - Се формира обвивка околу бебето што се вика верникс казеоза, која ја штити кожата на бебето од оштетувања. Кај женските бебиња, матката и вагината се формираат.


🕛20 недела - Средина на бременоста. Вообичаено можете да ги чувствувате движењата на бебето.Тежина 300гр, должина 25см.


🤰Почнувајќи од вториот триместар очекувајте да качувате во тежина околу 1.4 до 1.8 килограми месечно.


💤Можни се тешкотии при спиењето поради големината на стомакот. Најлесно е да се навикнете да спиете на страна.


💦Вагинален исцедокможе да забележите бел вагинален исцедок. Овој исцедок се смета дека помага во супресија на развојот на потенцијално опасни бактерии. Вагината има ациден pH кој варира од 3.5 до 6. Киселата средина во вагината е всушност и природна одбрана од микроорганизмите. Обратете внимание воколку исцедокот, станува со непријатен мирис, зелен или жолтеникав или воколку е придружен со црвенило, чешање и иритација. Ова може да се знаци за вагинална инфекција. А таа е една од најчестите причини за предвременото прскање на воденикот и предвременото породувње. Препорачано е рутински да се направат микробиолошки брисеви. Контрактирајте го вашиот гинеколог.


🦷Проблеми со дишењето и непцатаКако што се зголемува циркулацијата, повеќе крв поминува низ вашите мукозни мембрани. Тоа доведува внатрешната слузница на носот и на дишните патишта да отече, што може да го намали протокот на воздух и доведува до хрчење, потешко дишење, чувство на затнат нос. Од истите причини се појавува и крварење од вашите непца, при четкање на забите. Препорака користете помека четкица за заби во бременоста.


  • Видео: развој на фетусот од 21-ва до 27-ма гестациска недела.

🐥21 неделаЛануго – мали ситни влакненца растат насекаде по неговата кожа. Слухот веќе толку е развиен што бебето слуша и звукови од надвор.


🐥23 недела - Од оваа недела бебето почнува да има поизразени движења на очите. Јазикот на бебето наскоро развива рецептори за вкус. Кај машките деца во овој период, тестисите се спуштаат од абдоменот. За девојчињата матката и јајниците се формирани, со комплетен број на јајце клетки за целиот живот. Мозочните клетки се развиваат многу брзо. Особено оние одговорни за мислење, учење и паметење. Коските се многу поцврсти, а кожата станува по дебела и понепрозирна.


Вртоглавици и слабост- Вашите крвни садови се шират како одговор на хормоните на бременоста.Во исто време волуменот на крв рапидно се зголемува уште од стартот на бременоста. До 34 тата недела се зголемува за 45% повеќе од волуменот кој бил пред бременоста. Сепак крвните садови се многу проширени, а зголемувањето на волуменот на крвта не може да постигне да ги исполни и тоа доведува до пад на вашиот крвен притисок и може да почуствувате повремено слабост па дури и вртоглавици и тахикардија. Воколку имате вакви тегоби, пијте многу течности и станувајте полека, по лежење или седење. Воколку се чувствувате слабо најдобро е да легнете. Потребни се редовна лабораториска контрола и контрола кај гинекологот.


🐤25 недела - Вашето бебе може да е способно да одговори на познати звуци, како вашиот глас, со одредени движења.


🫁🐥26 недела - Кај вашето бебе се формирани нокти. Плуќата на бебето почнува да произведува сурфактант, материја која овозможува алвеолите на плуќата да се полнат со воздух и спречува тие да колабираат. Во оваа недела бебето е 35см долго и 700 грама тешко.


ТРЕТ ТРИМЕСТАР ОД БРЕМЕНОСТА

(27-40 недела)


👀27 недела - Во оваа недела плуќата на бебето продолжува да созрева, а исто така созрева и нервниот систем на бебето. Капаците на очите се толку развиени што бебето може да ги отвора очите, да гледа во матката, да приметува светлина низ слоевите на стомакот. Детето вежба голтање и го цица палецот. Некои мајки може да го осетат штуцањето на бебето, како ритмички трзаи на неговото тело. Сега воколку предвремено се роди има добри шанси да преживее.


💦28 неделаБебето дише исто како и по породувањето, но со тоа што сега вдишува и издишува плодова вода. До последните недели бебето измокрува пола литар урина во плодовата вода и голта скоро исто толку плодова вода секој ден. Можеби лошо звучи но, бебешката урина е совршено стерилна. Продолжува растот на коса на главата. Должина 37см, тежина 1000гр.


🐥29 неделаКоските на бебето се целосно развиени. Предвремено родените бебиња во оваа недела, имаат над 90% шанса да преживеат. Должина 38см, тежина 1200 гр.


🐥30 неделаРасте количината на масно ткиво под кожата на вашето бебе.


🐥31 неделаОрганите се веќе комплетно формирани, заостанува само созревањето на белите дробови. Нивното зреење го забрзува сурфактантот кој недозволува колабирање и слепување на алвеолите.Должина 40см, тежина 1400гр.


  • Видео: развој на фетусот од 28ма до 37-ма гестациска недела.

🐘Отоци - Можна е појава на отекување на стапалата, скочниот зглоб и потколениците. Отоците притискаат на нервите па може да доведе до осет на трнење и пецкање. Овие отоци најчесто се последица на задршката на течности и отежнатото враќање на крвта од венските садови, на кои во карлицата може да притиска матката. Тие обично се намалуваат по спиење и одмор. За да ги намалите отоците одмарајте ги нозете во подигната положба, воколку можете пливајте, повеќе одмарајте и избегнувајте да стоите долго. Воколку отоците не се повлекуваат по одмор и спиење веднаш контактирајте го вашиот гинеколог, бидејќи може да е во прашање сериозна состојба поврзана со губиток на протеини во урината, отоци и покачен крвен притисок…


🐥33 неделаПозицијата која сега ја завзема бебето најверојатно е конечна позиција (да се породи со главата веројатноста е 97% или со задникот 2.7%). Должина 41см, тежина 1800гр.


🐥34 неделаОваа недела ќе кажам само за Вас: Од сега натаму можно е да сте уморни, да имате недостаток на здив, желудочни киселини, да имате болки во грбот и сето тоа ве прави нестрпливи да се породите!

Недостаток на здивКако што матката расте, таа ја потиснува и дијафрагмата. Симптомите исчезнуваат во последните недели на бременоста, кога бебето полека се спушта во вашата карлица. Во меѓувреме спијте со малку подигнат горен дел на телото, за да се олесни притисокот на белите дробови.


🐥35 неделаСе смалува количината на плодова вода. Должина 45см, тежина 2300гр.


🤰Болки во грботКако што вашето бебе продолжува да расте, хормоните на бременоста ги релаксираат зглобовите на карлицата и крстната коска. Овие промени може да доведат до болка во кичмата. Кога седите изберете стол со добра подршка. Замолете го партнерот за масажа. Носете чевли со ниска штикла, но не рамни и со добра подршка на табаните. Ако болката не поминува обратете се кај гинекологот.


🐥36 неделаБебето има практично 100% шанса да преживее. Плацентата старее и во последните недели не ја обавува својата функција толку добро како во по раниот период. Должина 46см, тежина 2500гр.


🤰Желудочни киселиниРастот на матката доведува до избуткување на желудникот од неговата нормална позиција. Тоа доведува до задршка на желудочните киселини. За да ги ублажите симптомите јадете мали порции храна, пијте многу течности меѓу оброците. Избегнувајте пржена и зачинета храна, газирани сокови, цитрусно овошје. Ако ова не помага гинекологот ќе ви препише соодветни антацидни лекови.


☀️Спуштањето на главата на бебето - може да се случи неколку недели пред породувањето или дури кога породувањето ке почне. Кога бебето ќе се спушти, полесно ќе дишете, ќе имате помалку киселини.


🐥37 неделаВашето бебе веќе се смета за терминско. Сите органи на вашето бебе се спремни да функционираат самостојно.


💦Микробиолошки тест за група Б стрептокок(GBS) Таа е честа бактерија, вообичаено се наоѓа во дебелото црево и често е безопасна за возрасните, но бебињата воколку се заразат со неа може да имаат сериозни проблеми. За да ја открие гинекологот ќе земе брис од долниот дел на вагината и просторот меѓу вагината и анусот. Ако тестот е позитивен, кога ќе почне породувањто, ќе ви биде даден антибиотик, за да се заштити бебето од бактеријата.


🐥38 неделаВашето бебе е спремно за породување. Цревата се исполнети со првата столица, која е со зеленкаста боја и се вика мекониум. Должина 48см, тежина 3000гр.


🐥39 неделаПлацентата продолжува да доставува до вашето бебе освен хранливи материи исто така и антитела, кои ќе помогнат во борба со инфекциите по породувањето. Ако го доите вашето бебе, тоа преку вашето млеко постојано ќе добива дополнителни дози ваши антитела, кои се од огромно значење за имунитетот и одбраната од микроорганизми, во најосетливиот период кога неговиот имунитет сеуште не е формиран.


🐥40 недела –Термин за породувањето. 40 недели од вашата бременост или 38 недели од концепцијата. Вашето бебе може да тежи од 2900 па до преку 4000 грама. Запомнете здрави бебиња доаѓаат во различни големини. Тоа е предусловено од генетскиот потенцијал за раст на вашето бебе. Секако вашиот гинеколог во текот на бременоста ќе детектира одредени состојби кои можат да доведат до застој во растот на плодот, како и состојби кои доведуваат до негов зголемен раст. Не е потребно да се вознемирувате воколку терминот помине без да се појават контракции. Нормално е да родите неколку недели порано, па и една до две недели по терминот, исто како што е нормално да родите и на самиот ден на терминот.


До вашиот термин вие ќе зголемите просечно 11 до 16 килограми. Од тие плодот просечно допринесува со 3 до 4 килограми, зголемени гради и матката со по 1 килограм, плодова вода 600мл, вашиот зголемен крвен волумен 3,5 кг и маснотии околу 3,5 кг.


ПРЕГЛЕДИ ВО БРЕМЕНОСТА


Во текот на бременоста треба да направите 10 прегледи доколку сте прворотка, а кај повеќеротки 7 прегледи. Кај високоризични бремености и по потреба бројот на прегледи е поголем. Секој месец вашиот гинеколог ќе го следи крвниот притисок, тежината, крвна слика, анализата на урина и растот на плодот. Покрај овие рутински прегледи важно е да се направат одредени поспецифични прегледи.

Прв триместар-. На почетокот од бременоста се прави гинеколошки преглед при кој се зема детелна анамнеза од трудницата за нејзините претходни болести и операции, примени вакцини и евентуалните болести во семејството. Во текот на овој триместар се земаат микробиолошки брисеви и микробиолошка анализа на урината. Вагиналните инфекции го зголемуваат ризикот од предвремено прскање на воденикот, предвремено раѓање и инфекција на новороденото и токму затоа е потребно да бидат навреме откриени и излечени. Вообичаено еднаш месечно се прават лабораториски анализи на крвта и урината. Се одредува крвната група и Rh фактор.

Од 11- 14 гестациска недела се прави првиот ултразвучен скрининг со кој се одредува ризикот на плодот од хромозомски аномалии. При тоа ултразвучно се детектираат одредени делови на плодот кои можат да укажат на овие аномалии, а тие најчесто по 14 недела исчезнуваат. Доколку го пропуштите овој преглед , понатаму нема да може да се детектира маркерот кој укажува за можно постоење на хромозомски болести( Даунов синдром), кои за жал се неизлечиви.

Секоја жена без оглед на годините има ризик да роди бебе со одредена аномалија. Секако, ризикот за да се роди бебе статистички расте со годините на пациентката.

Тестот за откривање на феталната слободна ДНК во мачјината крв - НИПТ тестот, кој е многу сигурен и со точност од 99% за откривање голем број хромозомски абнормалности.

Втор триместар- Од 18-22 тата гестациска недела се прави ултразвучен скрининг со кој покрај тоа што се следи растот на плодот, главна задача на овој преглед е детална анализа на анатомијата на фетусот, поединечно неговите органи и исклучување на вродени аномалии на плодот, почнувајќи од најтешките кои ризични по животот на плодот, се до помалите или козметички дефекти. Се анализира папчаникот, плацентата, нејзината поставеност, но и должината на грлото на матката, кое ни го одредува ризикот за предвремено породување. Во периодот од 24-28 недела се прави и тест за откривање гестациски дијабет.

Трет триместар- Со ултразвучен преглед во третиот триместар (30-34 недела) се проверува пропорционалнот и правилниот раст на бебето. Се детектира дали има застој во растот на бебето како последица на пореметувања во функцинирањето на плацентата. Со помош на доплер се анализира дали циркулацијата на крв преку папочната врвка кон бебето е доволна, а доколку не е, кога е идеално време да се заврши бременоста, а во исто време да се добие зрело и здраво бебе. Во текот на 9 тиот месец се почести контролите, а се прави и ЦТГ со кој се регистрираат отчукувањата на срцето на вашето бебе. Покрај тоа го регистрира и постоењето, јачината, траењето и честотата на контракциите на матката. Неговата цел е да се евалуира состојбата на плодот, неговата снабденост со кислород и дали при појавата на контракциите се нарушува снабдувањето со крв на плодот. Се изведува во последниот триместар и во текот на породувањето. Во овој период се прави и микробиолошки тест за група Б стрептокок (GBS) која е честа бактерија, вообичаено се наоѓа во дебелото црево и често е безопасна за возрасните, но бебињата доколку се заразат со неа може да имаат сериозни проблеми. За да ја открие гинекологот ќе земе брис од долниот дел на вагината и просторот меѓу вагината и анусот. Ако тестот е позитивен, кога ќе почне породувањто, ќе ви биде даден антибиотик, за да се заштити бебето од бактеријата.

Кај RH негативни мајки. Воколку Вие сте Rh негативна, а вашето бебе е Rh позитивно, можно е мал број клетки на вашето бебе влезат во вашата циркулација за време на бременоста или раѓањето. Тогаш вашиот имунитет нив ќе ги третира како страно тело и ќе создаде антитела против нив. Воколку такви антитела се создадени во вашиот организам тие може сериозно да го оштетат вашето бебе. Вашата крв ќе биде проверена дали веќе се создадени такви антитела. За да се заштити бебето и идните бремености, во 28г.н. ќе ви биде дадена инекција Anti-D, која ќе спречи во вашето тело да се формираат антитела против вашето бебе. По породувањето, се зема крв од вашето бебе и воколку се потврди дека е тоа Rh позитивно, ќе треба да примите уште една инјекција Anti-D.

618 views0 comments

Comments


bottom of page